Краток осврт на првиот тренинг во проектот Интеграција без граници

02 Јун Краток осврт на првиот тренинг во проектот Интеграција без граници

Пред две недели во Сату Маре, Романија се одржа тренинг за компетенциите меѓукултурно разбирање и менаџирање со различности, како дел од проектот Интеграција без граници во координација на УПОЛ Универзитетот во Оломоуц, Чешка. Домаќин на тренингот беше тимот на партнерската организација Каритас Сату Маре. Тренингот започна во петок, на 15ти мај. Тренерите проф. Хулија Гонзалез и проф. Волвганг Бошвик го отворија тренингот давајќи вовед во проектот и зошто токму тие биле дел од иницијаторите на проектот. Проф. Бошвик ја објасни потребата од споделување на добрите практики и посочи дека иако работата со малцинства и мигранти е можеби релативно нов предизвик за некои земји во Европа, постојат земји кои работеле со различни малцински групи веќе подолго време, па ние сме среќни што имаме партнери во проектот кои можат да споделат искуства во овие полиња. На овој начин би се инспирирале меѓусебно и би разговарале за понатамошни проекти и активности. Проф. Бошвик ги покани сите учеснички организации да ги споделат нивните добри искуства во двете компетенции кои беа дискутирани.

Нашите претставници-едукатори Јовица Димитријевски и Христина Јованоска и нашето лице за односи со јавност Славе Ангелов (кој е и тренер во проектот), зборуваа за проектот Образование преку улична социјална работа, поддржан од фондацијата Шулер Хелфен Либен од Германија. Тие зборуваа за потребата од проектот, неговиот тек и развој, како и резултатите од истиот. По презентацијата на Ц.С.И. Надеж следуваа и презентации од претставниците на другите партнерски организации, како „Образование, култура и солидарност“ од Шпанија, Универзитетот Палачки во Оломоуц, “Каритас Сату Маре“, Универзитетот Прешов од Словачка, „Образование за независен свет“ и Европскиот форум за миграциони студии од Бамберг. Модератор на овој дел од тренингот беше проф. Бошвик, кој ги анализираше добрите практики и го отвори подиумот за прашања во однос на различните проекти и искуства.

Вториот ден од тренингот, после презентација на различните аспекти од меѓукултурното разбирање од страна на проф. Гонзалез, се формираа работни групи во кои тренираните едукатори и социјални работници ги дискутираа особеностите на сите проекти и заедничките аспекти на истите. Учесниците успешно ги анализираа корените на проблемите кои ги инспирирале овие проекти, па така открија кои методи би биле искористливи во нивната средина, во организацијата во која работат.

Третиот ден од тренингот се сведе на различните култури од кои потекнуваа учесниците на тренингот, и колку тие знаат за културите на другите луѓе во проектот. Учесниците набљудуваа систем на вредности, културни норми, идентитети, однесувања или идеали од кои е составена една култура, претставени во вид на санта мраз, а дискутиравме и за тоа колкаво количество од овие вредности е видлив за надворешноста, односно за луѓето надвор од една култура. Во духот на меѓукултурното разбирање, организиравме активност во која учесниците од секоја земја опишаа една од земјите на другите партнери со нејзините најважни и најсилни ознаки и особености, а потоа и нивната земја и култура со вредностите кои тие сметаат дека се најпретставителни за нив.

Четвртиот ден од обуката продолживме да ја истражуваме теоријата со санта мраз, преку групни дискусии за хиерархијата на различните културни елементи според нивната важност. Дискутиравме зошто и колку претставителни тие елементи се во различните култури во Европа и кои елементи според нас тонат на дното од сантата мраз и се невидливи за околината, како и кои елементи се најочигледни за надворешноста и дали истите се наоѓаат каде што сакавме да бидат.

Последниот ден од тренингот сите учесници ги претставија културите на малцинствата или мигрантите со кои работат во средината во која живеат. Зборуваа за причините за миграција, нивните потреби, пречките на нивниот пат кон интеграција и што сакат да постигнат во земјата во која што живеат како малцинство. При подготовката на нивните презентации, групите го искористија знаењето и разбирањето кои ги стекнаа на обуката. Во попладневните часови нурнавме во темата „управување со различности“ и детално исцрпивме едно добро искуство од работата на проф. Александер Мушинка, претставник на Универзитетот Прешов од Словачка. Во склоп на оваа презентација тој одржа едно мало предавање на темата „Социјално раслојување“ и важноста на оваа теорија за разбирање на различните феномени поврзани со однесувањето на нашите целни групи и очекувањата кои ги имаме од нив. На крајот од тренингот, на сите учесници им беа доделени сертификати за успешно помината обука.

После тренингот следуваше транснационален состанок на координаторите на сите партнерски организации на кој присуствуваше нашата претседателка (и координаторка во овој проект) Клара Илиева, каде што се дискутираа следните чекори во проектот, вклучително и следниот тренинг во Мадрид, Шпанија кој е закажан за јануари 2016 год. Откако заврши транснационалниот состанок, одржавме настан за ширење на информациите од проектот пред локални претставници на НВО секторот како и други заинтересирани странки и медиуми кои сакаа да дознаат повеќе за истиот.

Следниот тренинг, освен досегашните ќе вклучи и други две компетенции од проектот: социјално претприемништво и развој на проекти. Истиот ќе се одржи во Мадрид, Шпанија почнувајќи од 18 јануари.

Погледнете ги фотографиите од тренингот на овој линк.

IMG_3582

Нема Коментари

За жал, формуларот за коментари не е достапен моментално