Category "Мислења/ стории"

4Nov2021

Моето училиште е најголемото училиште во нашиот град. Училиштето е многу убаво, но тоа не го прави најдоброто училиште. Сепак јас мислам дека токму моето училиште е најдобро. Одењето на училиште не е само учење на одредени предмети, туку и стекнување на нови пријателства. Тука поминувам многу убави моменти.. Мислам дека најдобрите другари од основно училиште остануваат за цел живот. Во ова училиште почнав да учам во трето одделение. На моменти бев многу исплашен бидејќи не знаев никој. Мислев дека ќе ми биде многу тешко да најдам другари и дека децата нема да сакаат да се дружат со мене. Но, соучениците ме прифатија убаво и ми помогнаа да се вклопам во одделението и училиштето. Сега имам многу другари, не само од моето одделение туку и од другите. Секој ден се дружиме, играме различни игри и поминуваме многу време заедно. Исто така и многу си помагаме за се. Можам да кажам дека училиштето е мојот втор дом, а учениците од моето одделение се моето второ семејство. Мојата одделенска наставничка е многу добра. Ни помага во учењето, ни дава совети за однесувањето и секогаш е тука за нас. Понекогаш не ми се учи, не сум мотивиран да пишувам домашни задачи, но си помагаме со соучениците и често заедно ги пишуваме задачите кои ни ги даваат наставниците. Во тие моменти ми е најубаво, кога заедно го поминуваме времето. Сакам кога наставниците ни даваат да правиме проекти, бидејќи на тој начин се дружиме и учиме интересни работи кои ги нема во учебниците. Кога сум во училиште се чувствувам многу убаво, дури ми е поинтересно од седење дома.

Автор: М. Б. 7 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“

4Nov2021

Училиштето е нашиот показател во животот. Тоа е центар на културата, воспитанието, образованието, дружењето и креативноста. Во него стекнуваме голем број на знаења кои ќе ни бидат потребни во понатамошниот животен пат. За сите нас, училиштето е обврска која мораме да ја исполнуваме. Тука стекнуваме големи знаења од областите на биологијата, историјата, географијата, хемијата, математиката и многу други области. Учиме и други јазици како што се англискиот, германскиот францускиот и рускиот. За некои од нас,  училиштето е задоволство но, за некои здодевна обврска. Но, ако подобро ќе размислиме, училиштето е потреба за сите нас за поуспешен живот. Затоа сите треба да се потрудиме што поуспешно да го исчекориме тој пат. Порано и јас го сметав училиштето само за обврска. Сега училиштето може да се нарече мој втор дом. Тоа е многу значајно место во мојот живот, најмногу влијае во рутината на мојот ден и ми помага да станам поодговорна личност, попаметна и подобра. На училиште комуницирам со соучениците и со наставниците секој ден. Дознавам многу нови и интересни лекции од наставниците, но и од моите другари на училиште. Сите заедно учиме и секој ден стануваме се помотивирани и заинтересирани за нови знаења. Моето училиште можеби не е совршено, но не би го сменила ниту за едно друго училиште.

Автор: Г. М. 7 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“

4Nov2021

Од мали не прашуваат и дома и во училиште што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме. Многу е тешко да се одбере професија кога сме уште во основно училиште, бидејќи не сме сигурни дали ќе го направиме правилниот избор. Мене многу лесно ми оди математика. Наставниците ми кажуваат дека треба да се занимавам со природни науки кога ќе пораснам. Но, мене тоа не ми звучи многу интересно. Јас би сакала да патувам. Сакам да го прошетам целиот свет, да се запознаам со различни луѓе и култури и да научам различни јазици. Во моментов мислам дека сакам да бидам стјуардеса. Така ќе можам да патувам многу и ќе си го остварам својот сон. Но, минатата година сакав да бидам докторка. Желбата ми беше да научам како им помагам на луѓето и да можам да помогнам на секој. Пред тоа сонот ми беше да станам позната глумица и да глумам во познати филмови. Гледав многу филмови и серии и посакував да бидам на местото на некои од глумиците.
Се уште мислам дека е многу интересно да си глумица. Да бидеш доктор е една од најубавите професии бидејќи така помагаш на тие што имаат потреба. Но, во моментов најинтересна професија ми е таа на стјуардесите.
Сега сум 7 одделение, па можеби ќе се предомислам додека да дојде моментот навистина да одберам по кој пат да чекорам. Можеби ќе ги послушам моите наставници и ќе се занимавам со некоја природна наука. Секако имам уште многу време да го завршам средното образование и да се одлучам за мојата идна професија, но за што и да се одлучам сакам да биде нешто што навистина ќе сакам да го правам и ќе ме прави среќна.

Автор: А. А. 7 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“

5Oct2021

Сите постојано слушаме дека образованието е многу важно и дека ние учениците треба да учиме и да имаме добри оценки. Но, какво мерило се оценките? Што навистина добиваме со учење и уважување на важноста на образованието?

Прво, во основно образование пред се учениците учиме како да се однесуваме. Кодексот на однесување, препознавањето на ситуации и правилно одлучување како треба да се однесуваме во каков момент е нешто што треба да се научи од мала возраст. Затоа тука се нашите родители, но и наставниците, бидејќи голем дел од денот ние го поминуваме во училиште. Во училиште се учат и работи што се многу потребни во секојдневниот живот, како читање, пишување и математички операции. Многу од работите кои се учат во училиште мислам дека треба да се знаат од општа култура, како главни градови на други држави, особености на различни континенти, важни светски историски настани, културни разлики итн. Во денешно време технологијата оди се понапред. Во училиште имаме предмети кои ни овозможуваат да научиме како да користиме технологија. Стекнуваме основни познавања за технологијата, но многу е важно да имаме добра основа, за понатаму доколку сакаме да учиме повеќе од областа на технологијата. Плус вештините кој ги стекнуваме од областа на технологијата ни помагаат да научиме како да истражуваме, како да проверуваме информации и како да учиме уште повеќе за предметите кои не интересираат повеќе. На училиште се учи и литература. Читаме книги кои ни го збогатуваат речникот и на тој начин учиме како да се изразуваме поубаво. Тешко е да се учат повеќе јазици одеднаш, но ако сега ги научиме после ќе ни биде полесно.

Исто така, доброто образованието е првиот услов за еден човек да започне да работи на добро работно место и да има успешна кариера. Ако не учиме уште во основно образование, после ќе ни биде потешко за избор на кариера. Никој не сака мачна работа, но без образование немаме многу избор. Па колку и да ни изгледа тешко да научиме некој предмет, мислата за тоа колку ќе ни треба да во иднина треба да не води напред.

Има и многу други причини зошто образованието е многу важно, но според мене најважно е тоа што знаењето ни дава можност да направиме промена. Ако сакаме да смениме нешто во околината и општеството мора да знаеме како да го направиме тоа. Некогаш дури и да знаеме што би промениле, не знаеме што треба да направиме за да го промениме тоа. Тоа е уште една работа што ни ја овозможува доброто образование. Па наша работа сега засега е да земеме книга во рака, да учиме, читаме, едуцираме и еден ден да го смениме светот и да го направиме подобро место за живеење!

Автор: С. М. 9 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“

5Oct2021

Нашето училиште е многу убаво и таму поминуваме незаборавни моменти. Сепак, како и во секое училиште има проблеми со кои учениците се соочуваме секојдневно.

Повеќето од проблемите се помеѓу учениците. Присутен е булинг, не во претерани мерки, но не можеме да кажеме дека воопшто нема. Дел од учениците се успешни во учењето и тоа им носи добри резултати и одлични оцени. Дел од учениците имаат проблеми со учењето од различни причини и добиваат слаби оцени, па ги нарекуваме слаби ученици. Нема никаква разлика помеѓу нас како деца, но послабите ученици мислам дека не се чувствуваат така бидејќи имаат послаби оценки, тоа го разбираат на погрешен начин, како потценување, а не мотивација да учат и да се трудат повеќе. Затоа некогаш ги задеваат подобрите ученици за други работи.

Секако сме под притисок да добиеме добри оцени, да ги завршиме сите училишни задачи, а имаме многу предмети и тоа воопшто не е лесно. Пандемијата ни прави и дополнителни стресови. Цело време се пазиме да одржуваме дистанца меѓу нас, да се дезинфицираме и да се држиме до сите мерки за превенција од вирусот. Ни недостига дружење и слободно однесување што го имавме порано. Понекогаш имаме и проблем со дел од наставниците. Не секогаш се чувствуваме разбрано. Имаме навистина голем број на задолженија и некогаш ни треба повеќе слободно време. Секој ученик има свои интереси, желби и проблеми и мислам дека треба да се посвети повеќе внимание на емоциите на учениците.

Во секој случај, во училиштето се чувствуваме прифатени. Понекогаш се случуваат некои проблеми меѓу учениците и не секогаш сите се дружиме, но наоѓаме начин да се справиме со тие проблеми на мирен начин. Наставниците се добри со нас и мене тоа ми дава чувство на прифатеност.

Мислам дека во секое училиште учениците се справуваат со слични проблеми. Може да биде и подобро, но не е нешто ново со што не знаеме да се справиме. Сите ученици и послабите и подобрите ако сакаме можеме да постигнеме сè. Можеби недостига мотивација во овој период, но знам дека можеме и ќе ги промениме работите на подобро.

Автор: Е. Б. 9 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“