Што сакам да бидам кога ќе пораснам?

Од мали не прашуваат и дома и во училиште што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме. Многу е тешко да се одбере професија кога сме уште во основно училиште, бидејќи не сме сигурни дали ќе го направиме правилниот избор. Мене многу лесно ми оди математика. Наставниците ми кажуваат дека треба да се занимавам со природни науки кога ќе пораснам. Но, мене тоа не ми звучи многу интересно. Јас би сакала да патувам. Сакам да го прошетам целиот свет, да се запознаам со различни луѓе и култури и да научам различни јазици. Во моментов мислам дека сакам да бидам стјуардеса. Така ќе можам да патувам многу и ќе си го остварам својот сон. Но, минатата година сакав да бидам докторка. Желбата ми беше да научам како им помагам на луѓето и да можам да помогнам на секој. Пред тоа сонот ми беше да станам позната глумица и да глумам во познати филмови. Гледав многу филмови и серии и посакував да бидам на местото на некои од глумиците.
Се уште мислам дека е многу интересно да си глумица. Да бидеш доктор е една од најубавите професии бидејќи така помагаш на тие што имаат потреба. Но, во моментов најинтересна професија ми е таа на стјуардесите.
Сега сум 7 одделение, па можеби ќе се предомислам додека да дојде моментот навистина да одберам по кој пат да чекорам. Можеби ќе ги послушам моите наставници и ќе се занимавам со некоја природна наука. Секако имам уште многу време да го завршам средното образование и да се одлучам за мојата идна професија, но за што и да се одлучам сакам да биде нешто што навистина ќе сакам да го правам и ќе ме прави среќна.

Автор: А. А. 7 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“