Моето училиште е најголемото училиште во нашиот град. Училиштето е многу убаво, но тоа не го прави најдоброто училиште. Сепак јас мислам дека токму моето училиште е најдобро. Одењето на училиште не е само учење на одредени предмети, туку и стекнување на нови пријателства. Тука поминувам многу убави моменти.. Мислам дека најдобрите другари од основно училиште остануваат за цел живот. Во ова училиште почнав да учам во трето одделение. На моменти бев многу исплашен бидејќи не знаев никој. Мислев дека ќе ми биде многу тешко да најдам другари и дека децата нема да сакаат да се дружат со мене. Но, соучениците ме прифатија убаво и ми помогнаа да се вклопам во одделението и училиштето. Сега имам многу другари, не само од моето одделение туку и од другите. Секој ден се дружиме, играме различни игри и поминуваме многу време заедно. Исто така и многу си помагаме за се. Можам да кажам дека училиштето е мојот втор дом, а учениците од моето одделение се моето второ семејство. Мојата одделенска наставничка е многу добра. Ни помага во учењето, ни дава совети за однесувањето и секогаш е тука за нас. Понекогаш не ми се учи, не сум мотивиран да пишувам домашни задачи, но си помагаме со соучениците и често заедно ги пишуваме задачите кои ни ги даваат наставниците. Во тие моменти ми е најубаво, кога заедно го поминуваме времето. Сакам кога наставниците ни даваат да правиме проекти, бидејќи на тој начин се дружиме и учиме интересни работи кои ги нема во учебниците. Кога сум во училиште се чувствувам многу убаво, дури ми е поинтересно од седење дома.
Автор: М. Б. 7 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“