Category "Мислења/ стории"

10Dec2021

Во училиште имаме многу воннаставни активности од кои можеме да одбереме. Наставниците имаат часови за одржување на овие воннаставни активности, ама речиси сите воннаставни се поврзани со учење на истото што го учиме и на училиште. На училиште секако имаме многу предмети, не ни се потребни плус активности за учење од книги.

Ни требаат повеќе слободни активности со спортување, со музика, со цртање, со дружење и разговарање за нешто што не интересира. Јас сакам да има повеќе воннаставни активности со спортување. Сакам да имаме голем терен за вежбање надвор и нова, убава сала за физичко во училиштето. Многу деца немаат никаква физичка активност бидејќи се цело време пред компјутер. Јас сум физички активен, ама би сакал да имам уште спортски активности.

Исто така, сакам да има наставник кој ќе не учи боречки вештини. Мислам дека е многу потребно да се знаат боречки вештини за самоодбрана. Во периодот од прво до трето одделение јас не знаев да се одбранам, а постарите ученици често се задеваа со мене. Најчесто се задеваа со кажување навредливи досетки, ама се случуваше и физички да ме повредат. Јас бев мал и не знаев ниту да им вратам, ниту да се заштитам некако. Затоа почнав да одам  на бокс, но би сакал да одам и на карате или џудо, бидејќи тие вештини се токму за одбрана. Мислам дека сите ученици треба да знаат некоја боречка вештина, посебно оние кои се пониски, послаби и оние кои често ги задеваат од која било причина. Освен за одбрана од физичко насилство, учењето боречки вештини би не одржувало физички активни, а тоа ни е многу потребно, посебно сега кога и излегувањето од дома е поретко и ограничено.

Мислам дека ако воннаставните активности се предлози од учениците и ќе бидат многу поинтересни и повеќе ученици ќе сакаат да учествуваат.

Автор: С.А. ООУ „ Браќа Рамиз-Хамид “

25Nov2021

Секој од нас посакува да има убава иднина и да живее убаво. Затоа сите правиме планови како тоа да го постигнеме и да се остварат нашите желби. Јас сакам да бидам успешен во животот и да го работам тоа што го сакам, успешно и професионално. Сите ние живееме во различни социјални средини и тоа не би требало да биде причина да се чувствуваме неприфатени од одредени луѓе кои живееат различен живот поради нивната матријална положба. Јас посакувам сите луѓе без разлика на нивната нација, вера, боја на кожа и др. да бидат срекни и да се почитуват меѓусебно. И ние младите кои сме иднина на заедницата во која живееме сме тие кои треба да се залагаме за сето тоа да се реализира. Нашата поврзаност е најприсутна во спортот, музиката, уметноста и сл. За да можам да им помогнам и да сменам нешто кај луѓето најпрво треба да имам добро образование,и да се усовршувам во она што го посакувам. Исто така сакам да имам многу пријатели од различни националости кои исто така сакам да се залагат за подобро утре. Јас најмногу од се сакам да цртам, затоа што мислам дека преку моите слики ќе успеам да пратам порака до сите луѓе. Преку моето платно и бои ке се обидат да го сменам светот односно свеста на младите за еден поинаков свет, свет на  љубов и среќа. Во секојдневниот живот постојат повеќе примери каде што љубовта не познава граници и правила затоа не смееме да се чуствуваме различни едни од други, треба да веруваме дека љубовта, довербата и почитувањето помеѓу сите нас ќе не направи посилни за градење подобра иднина и свет без граници. Затоа ако станам уметник можеби сите ќе ја сфатат мојота порака љубов и подобар свет.

Автор: С. И. 4та година ДСУ „ Шаип Јусуф “

25Nov2021

Јас како личност, ученик и граѓанин во општината Шуто Оризари можам да кажам дека во мојата општина во последните години се направени игралиште и парк. Таму со моите пријатели и пријателки после часовите можеме да се дружиме и спортуваме. Исто така кога се дружиме ние споделуваме и разни информации. Машките играат фудбал и кошарка. Ние девојчињата повеќе сакаме да шетаме во паркот. Сакаме да седиме на чист воздух бидејќи во овој период на Ковид ни фали, училниците стануваат загушливи. Од разговори со моите другари можам слободно да кажам дека на сите ни фали библиотека во нашата општина. Сакаме да читаме книги, да истражуваме.Исто така ни недостасува и продавница-книжара каде што ќе си набавуваме школски прибор.Немаме книжарница каде што ќе може да си купуваме книги или училишен прибор, а тоа ни е потребно во секојдневниот живот. Едноставно ако сакаме да одиме да се забавуваме со пријателите, немаме клуб за тоа. Се ова што ни фали во нашата општина , односно што ни е потребно на нас младите, би сакала да биде остварено.

Во рамки на клубот би сакала да се организира забавна вечер, вечер за дебата, литературна вечер , па дури би можело да има и филмска вечер.

Автор: В. Н. 9 одделение

4Nov2021

Училиштето е наш втор дом и таму треба да се чувствуваме убаво. Училиштето во кое што учам е убаво и големо, се дружиме со учениците и учиме од наставниците. Убаво е, но кога би можела да направам мое совршено училиште би сменила доста работи.
Изгледот на училиштето не би го менувала многу, но би внимавала повеќе на хигиената. Во секој тоалет би ставила нови елементи кои сами ќе се чистат по секое користење.
Би го направила училиштето и позабавно. Во некои училници би ставила перници за седење. Седењето во клупа многу часови не е удобно. Катовите би биле поврзани со тобогани, а за качување нагоре би користеле јажиња. Физичко образование би имале секој ден! Физичко образование би ни предавале познати спортисти, ликовно познати уметници, а музичко образование познати музичари од целиот свет. Би учеле и нови предмети кои би не научиле како да користиме социјални медиуми, како да правиме фотографии, како да обработуваме слики и видеа. Би имале и посебен предмет само за Тик-Ток! Би користеле Тик-Ток и за учење на други предмети, бидејќи има видеа кои објаснуваат работи што ги учиме во училиште. За учење на јазици би имале онлајн часови со деца од целиот свет кои го учат тој јазик и ќе можеме да си разговараме на различни теми и така поубаво да го научиме јазикот.
Во моето совршено училиште би имало и менза, за сите ученици таму да јадеме заедно и да се дружиме. Исто така би носеле и униформи, ама не како во другите училишта, туку поинтересни, јас какви што би ги дизајнирала.
Знам дека овие мои желби не се реални, но ако учениците даваме идеи можеби некогаш некој ќе направи нешто од тоа.

Автор: З. А. 8 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“

4Nov2021

Во секое училиште има некои проблеми, па така и во нашето училиште има некои работи кои јас ги сметам за проблеми. Дисциплината и нередовноста се дел од проблемите кои мене најмногу ме засегаат.
Главен проблем според мене е булингот и непочитувањето помеѓу учениците. Дисциплината понекогаш е на многу ниско ниво. Дел од учениците не се редовни на сите часови и прават проблеми на другите ученици кои се редовни на наставата. Треба да се работи на овој проблем и да се најдат решенија за да се мотивираат учениците да одат на училиште. Доколку учениците се мотивирани да седат на часовите редовно ќе се намали и булингот. Мислам дека наставниците треба да се потрудат часовите да бидат поинтересни и на полесен начин да ни објаснуваат некои работи, бидејќи понекогаш некои лекции се тешки и не сите ученици ги разбираат. Имаме многу часови во неделата, многу проекти, дополнителни часови и имаме многу малку слободно време, а тоа влијае и на однесувањето на учениците. Немаме простор за да кажеме како се чувствуваме и мислам дека треба повеќе да се посвети внимание на тоа. Но, проблемот е сепак во учениците, бидејќи сите ги имаме истите часови, а поголемиот дел од нас сепак успеваме успешно да ги завршиме нашите обврски.
Мислам дека директорот и стручната служба треба да разговараат почесто со родителите/старателите на учениците кои прават проблеми во училиштето и не се редовни на часовите и да им објаснат зошто е важно да не се однесуваат така.

Автор: Б. С. 9 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“