Во училиште имаме многу воннаставни активности од кои можеме да одбереме. Наставниците имаат часови за одржување на овие воннаставни активности, ама речиси сите воннаставни се поврзани со учење на истото што го учиме и на училиште. На училиште секако имаме многу предмети, не ни се потребни плус активности за учење од книги.
Ни требаат повеќе слободни активности со спортување, со музика, со цртање, со дружење и разговарање за нешто што не интересира. Јас сакам да има повеќе воннаставни активности со спортување. Сакам да имаме голем терен за вежбање надвор и нова, убава сала за физичко во училиштето. Многу деца немаат никаква физичка активност бидејќи се цело време пред компјутер. Јас сум физички активен, ама би сакал да имам уште спортски активности.
Исто така, сакам да има наставник кој ќе не учи боречки вештини. Мислам дека е многу потребно да се знаат боречки вештини за самоодбрана. Во периодот од прво до трето одделение јас не знаев да се одбранам, а постарите ученици често се задеваа со мене. Најчесто се задеваа со кажување навредливи досетки, ама се случуваше и физички да ме повредат. Јас бев мал и не знаев ниту да им вратам, ниту да се заштитам некако. Затоа почнав да одам на бокс, но би сакал да одам и на карате или џудо, бидејќи тие вештини се токму за одбрана. Мислам дека сите ученици треба да знаат некоја боречка вештина, посебно оние кои се пониски, послаби и оние кои често ги задеваат од која било причина. Освен за одбрана од физичко насилство, учењето боречки вештини би не одржувало физички активни, а тоа ни е многу потребно, посебно сега кога и излегувањето од дома е поретко и ограничено.
Мислам дека ако воннаставните активности се предлози од учениците и ќе бидат многу поинтересни и повеќе ученици ќе сакаат да учествуваат.
Автор: С.А. ООУ „ Браќа Рамиз-Хамид “