Моите желби за промени

Училиштето е наш втор дом и таму треба да се чувствуваме убаво. Училиштето во кое што учам е убаво и големо, се дружиме со учениците и учиме од наставниците. Убаво е, но кога би можела да направам мое совршено училиште би сменила доста работи.
Изгледот на училиштето не би го менувала многу, но би внимавала повеќе на хигиената. Во секој тоалет би ставила нови елементи кои сами ќе се чистат по секое користење.
Би го направила училиштето и позабавно. Во некои училници би ставила перници за седење. Седењето во клупа многу часови не е удобно. Катовите би биле поврзани со тобогани, а за качување нагоре би користеле јажиња. Физичко образование би имале секој ден! Физичко образование би ни предавале познати спортисти, ликовно познати уметници, а музичко образование познати музичари од целиот свет. Би учеле и нови предмети кои би не научиле како да користиме социјални медиуми, како да правиме фотографии, како да обработуваме слики и видеа. Би имале и посебен предмет само за Тик-Ток! Би користеле Тик-Ток и за учење на други предмети, бидејќи има видеа кои објаснуваат работи што ги учиме во училиште. За учење на јазици би имале онлајн часови со деца од целиот свет кои го учат тој јазик и ќе можеме да си разговараме на различни теми и така поубаво да го научиме јазикот.
Во моето совршено училиште би имало и менза, за сите ученици таму да јадеме заедно и да се дружиме. Исто така би носеле и униформи, ама не како во другите училишта, туку поинтересни, јас какви што би ги дизајнирала.
Знам дека овие мои желби не се реални, но ако учениците даваме идеи можеби некогаш некој ќе направи нешто од тоа.

Автор: З. А. 8 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“