Мислења/ стории

Во рамките на оваа секција корисниците на платформата имаат можност да го споделат своето искуство и приказна, да им покажат на другите дека не се сами, да инспирираат акција. Секоја корисник е поканет да ја употреби моќта на пишаниот збор и фотографијата за да го раскаже она за кое тој / таа најмногу се грижи.
Оваа секција вклучува мислења/ стории на различни теми што влијаат на учениците, особено на оние со ниско социо-економско потекло и нивните семејства (предизвиците со кои се соочуваат во образовниот процес, надминување на стереотипите, прашањата за родовата (не)еднаквост, професионална ориентација и сл.).

8Mar2022

Сите деца се еднакви и заслужуваат сите права да им се почитуваат. Ниту едно дете не смее да се дискриминира во однос на боја на кожа, националност, eтничка припадност, пол, општествен статус и слично. Секое дете има право на образование, здравствена легитимација, топол дом, право за слободно да се изразува и право да има пријатели.

Според мене едно од најважните права е секое дете да има право на здравствено осигурување. Тоа е многу важно за да се лечат и спречуваат болести. Треба редовно да се оди на матичен лекар за да се спречи болест. Секој човек треба да оди редовно на контроли, но тоа се учи од дете. Доколку децата имаат здравствено осигурување може да стекнат навика да одат на доктор и кога не се болни, туку само да го проверат своето здравје. Многу често возрасните одат на доктор само по потреба и тоа им дава лош пример на децата. Децата треба да се учат дека мора да внимаваат на здравјето пред да им се појават здравствени проблеми. Затоа многу е важно децата да имаат здравствено осигурување и да се учат да го користат тоа право.

Здравјето е најважно и едно од ретките работи што не се купува со пари. Затоа треба да го чуваме нашето здравје и да се грижиме за себеси пред да биде доцна.

Автор: Р.Б. ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“ – Скопје

28Feb2022

Лажните вести постоеле отсекогаш и ќе продолжат да постојат се додека луѓето не престанат да се лажат едни со други. За жал, лажните вести полека стануваат се почести и поизразени во секојдневието на граѓаните.

Во денешно време, во овој дваесет и први век, лажните вести се шират преку интернетот и преку сите медиуми. Денес, тешко ќе најдеш некому да му веруваш, бидејќи има многу луѓе кои сакаат да те искористат и од тебе да извлечат некоја услуга. Сведоци сме на една масовна експанзија на дезинформации. Едноставно, информациите се подостапни за сите. На пример, преку гледањето вести на телевизиските канали една вест, која не значи дека е точна и проверена, стигнува до милиони гледачи. Лажните вести се објавуваат од разни причини, со неограничении бројни цели. Најчесто тоа се прави за да се влијае врз однесувањето на луѓето и врз нивните политички ставови. Некои лажат затоа што сакаат да добијат внимание, повеќето сакаат да дојдат до пари или моќ. Постојат разни лаги измислени за луѓето. Има изобилство информации кои шират клевети и омраза…

Луѓето сакаат да ги знаат фактите од светот, но дали медиумите и владите ја кажуваат вистината? Сепак, и покрај тоа што не можеме да одбереме кои вести ќе стигнат до нас, ние треба да сме претпазливи пред да одлучиме некому да веруваме, затоа што не сите си стојат до зборот. Не треба ничии зборови да земаме здраво за готово и слепо да им веруваме без претходно да ги провериме и се увериме дека се вистина.

С. И. 4 година

10Jan2022

Училиштето е втор дом мој
И секој ученик треба да го сака како свој

Кој на училиште сака да учи
Глава нема да му бучи

Во училишниот двор си најдов другарчиња на себе слични
Како пчелички вредни и многу лични

Ветувам на мојот клас
Дека повеќе ќе учам јас

Автор: М. М. ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“

3Jan2022

Имам многу желби. Сакам да добијам многу поклони за нова година. Но, не се сите мои желби за добивање поклони и пакетчиња. Некои од нив се поврзани со училиштето.
Прво, би сакал оваа година да имам подобри оценки. Знам дека треба повеќе да учам за тоа, ама сепак – си ги кажувам желбите. Сакам и да се променат некои работи во училиштето. Сакам да добиеме кантина во училиштето. Така сите ќе можеме заедно да го поминуваме големиот одмор и повеќе да се дружиме. Исто така, нема да доцниме на часовите што се после големиот одмор, а често ни се случува тоа бидејќи продавниците каде што купуваме ужинка не се толку близу. Ни кажаа дека ќе има кантина, ама мене желбата ми е да се направи што побргу!
Сакам и нова училишна сала, со повеќе опрема за играње и вежбање. Мислам дека би било убаво ако се направи нешто и надвор, на отворено, за кога е топло да може да играме надвор во училишниот двор.
Во училишниот двор сакам да има и клупи и масички за да можеме да седиме на одморите и таму и да се дружиме. Сега немаме каде да седиме во училишниот двор. Плус има и многу улични кучиња во дворот, некои од нив се големи и јас се плашам од нив. Сакам да се реши и тој проблем во новата година.
Тоа се моите желби поврзани со училиштето за новата 2022 година. Се надевам дека ќе ми се исполнат иако ги кажав!

Автор: Ѓ. И. ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“

23Dec2021

Што да посакаш? Здравје имам, среќа сите мои сакани се до мене. Би сакала најпрво страдањето, маките, што истрпевме две години со пандемијата, сето тоа да заврши, да живееме како среќни слободни и здрави луѓе на целата планета Земја.

Кога сето ова ќе заврши би сакала да бидам на одмор со најблиските и да се чувствуваме како во старите времиња. Маските од нашите лица да ги извадиме, да живееме слободно и безбедно. Ете, ова е мојата желба, за Новата година да почне со се најдобро и повторно да се чувствуваме спокојно и среќно.

Автор: В.Н. 9 одделение ОУ “Браќа Рамиз-Хамид”