Блог претставува онлајн платформа на која се прикажуваат низа на текстови, најчесто по хронолошки распоред. Блогот содржи текстуални содржи (популарно наречени „блогови“) напишани од еден или од група на автори. Блоговите содржат ставови и мислења за различни теми, зависно од определеноста и тематиката на блогот на кој се објавени.
БЛОГ е термин кој може да означува различни нешта-онлајн списание, дневник, размена и споделување на информации, место за дискусија и дебата, платформа за едукација и место каде што можат да се пронајдат нови информации за која било тема. Типичниот блог содржи комбинација од текст, фотографии, видеа и линкови.На блогот, читателите можат да оставаат свои коментари и да дискутираат со други читатели. Впрочем, токму тоа е и целта на блогот.
Блогови наспроти интернет (веб) страници
Блоговите често се поистоветуваат со традиционални веб страници. Впрочем, голем број на веб-страници содржат категорија „Блог“ на својата платформа. Сопствениците на бизниси гледаат корист во тоа да се наметнат како авторитет во полето на нивната работа. Поради тоа, објавуваат свои ставови и мислења за сродни теми, со цел да го привлечат вниманието на потенцијални клиенти.

Кои се главните разлики помеѓу блог и веб страница?
Најпрво, веб страниците кои интегрираат и блог не ја ажурираат содржината редовно. Тие објавуваат нови „блогови“ кога треба да промовираат некој нов производ, или пак кога имаат некоја нова активност за која сакаат да се „рашири глас“. Со привлекување на поголем број на читатели, компаниите ја зголемуваат јавната свест за нивниот бренд, и ја градат довербата со потенцијални клиенти.
Наспроти тоа, блогот најчесто изискува редовно објавување на нови содржини (зависно од динамиката на објавување утврдена од поединците или организациите што го водат конкретниот блог), со цел да остане релевантен.
Целта на блоговите објавени во рамки на посебните веб страници на бизниси е промоција на сопствени содржини, а не да поттикне дискусија или дебата за определено прашање.
Блоговите најчесто се објавуваат со цел да информираат, но и да поттикнат дискусија и дебата за некое прашање. Некои блогови пак се занимаваат со социо-политички и општествени теми и се дизајнирани да им понудат на граѓаните место за информирање, но и за вклучување во дискусијата за прашања што директно ги засегаат.
Од друга страна, постојат лични (personal blogs) блогови кои се креирани на популарни теми, и кои даваат совети на луѓе кои се заинтересни за тие теми.
Во денешно време, започнување на блог е многу едноставно. Се што е потребно е да отворите свој профил на некоја од блог платформите (најпопуларна е Вордпрес), и да одлучите што сакате да постигнете со вашиот блог.
Блогот е одлична можност да се изјасните за некои прашања и да привлечете истомисленици со кои ќе можете да дискутирате. Блогот е исто така алатка преку која ќе можете да се изразите за вашите интереси. Тоа можат да бидат најразлични теми, а публика на читатели постои за секоја од нив, без разлика дали станува збор за храна, дизајн, мода, или пак блог за активизам.
Честа заблуда е дека кога се пишува блог на некоја покомплексна тема мора да се пишува на „повисоко“ ниво. Меѓутоа, најдобрите блогови на концизен и јасен начин ја пренесуваат главната порака, на начин што ќе им биде пристаплив на поширока публика.
Зошто блогирањето е популарно?
● Брз и лесен начин на информирање
● Комуникација и интеракција со читателите
● Зајакнување на авторитет
● Заработка
Бизнис блоговите, на пример, се евтин и едноставен начин за промоција на една компанија. Поголема информираност на клиентите, зголемување на продажбата на производите и услугите, чекор со новите трендови и влез во нови пазари се работи кои еден бизнис блог може да ги поттикне.
Но, сепак блоговите се двострана комуникација. Преку блоговите, граѓаните можат да се информираат за теми кои ги интересираат на брз начин кој е лесен за конзумирање. Добрите блогови не се предолги, и не содржат „бирократска“ терминологија која го одвлекува читателот. Блоговите се ефикасен начин за промоција на некоја добротворна кауза, или за ширење на информации од јавен интерес. Блоговите често повикуваат на акција, или ги поттикнуваат граѓаните да се вклучат во дискусија или да научат нешто повеќе за тоа како да ги остваруваат своите граѓански права.
● Просечниот блог содржи 1,050 зборови;
● Квалитетот на содржината, редовно објавување, добар дизајн и воспоставено присуство на социјалните медиуми се рангирани како четири најголеми фактори за кредибилитетот на еден блог;
● Просечниот читател не се задржува на еден блог подолго од една минута. Поради тоа, потребно е веднаш да се привлече вниманието со понудената содржина;
● Вордпрес (WordPress.com) е најпопуларната платформа за блогирање. Една четвртина од веб-страниците низ светот (над 80 милиони веб-страници) се потпираат токму на оваа платформа;
● Блогови кои имаат фотографии на секои 70-100 зборови се повеќе споделувани преку социјалните медиуми