Нашето училиште е многу убаво и таму поминуваме незаборавни моменти. Сепак, како и во секое училиште има проблеми со кои учениците се соочуваме секојдневно.
Повеќето од проблемите се помеѓу учениците. Присутен е булинг, не во претерани мерки, но не можеме да кажеме дека воопшто нема. Дел од учениците се успешни во учењето и тоа им носи добри резултати и одлични оцени. Дел од учениците имаат проблеми со учењето од различни причини и добиваат слаби оцени, па ги нарекуваме слаби ученици. Нема никаква разлика помеѓу нас како деца, но послабите ученици мислам дека не се чувствуваат така бидејќи имаат послаби оценки, тоа го разбираат на погрешен начин, како потценување, а не мотивација да учат и да се трудат повеќе. Затоа некогаш ги задеваат подобрите ученици за други работи.
Секако сме под притисок да добиеме добри оцени, да ги завршиме сите училишни задачи, а имаме многу предмети и тоа воопшто не е лесно. Пандемијата ни прави и дополнителни стресови. Цело време се пазиме да одржуваме дистанца меѓу нас, да се дезинфицираме и да се држиме до сите мерки за превенција од вирусот. Ни недостига дружење и слободно однесување што го имавме порано. Понекогаш имаме и проблем со дел од наставниците. Не секогаш се чувствуваме разбрано. Имаме навистина голем број на задолженија и некогаш ни треба повеќе слободно време. Секој ученик има свои интереси, желби и проблеми и мислам дека треба да се посвети повеќе внимание на емоциите на учениците.
Во секој случај, во училиштето се чувствуваме прифатени. Понекогаш се случуваат некои проблеми меѓу учениците и не секогаш сите се дружиме, но наоѓаме начин да се справиме со тие проблеми на мирен начин. Наставниците се добри со нас и мене тоа ми дава чувство на прифатеност.
Мислам дека во секое училиште учениците се справуваат со слични проблеми. Може да биде и подобро, но не е нешто ново со што не знаеме да се справиме. Сите ученици и послабите и подобрите ако сакаме можеме да постигнеме сè. Можеби недостига мотивација во овој период, но знам дека можеме и ќе ги промениме работите на подобро.
Автор: Е. Б. 9 одделение, ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“