Начини како да го поддржите менталното здравје на вашите деца

       Без оглед дали вие и вашите тинејџери се согласувате добро или се соочувате со предизвици, важно е да им покажете дека ги сакате и ги поддржувате, дека може да им помогнете да ги пребродат тешките времиња и дека секогаш ќе им се најдете.

Еве четири работи што треба да ги имате предвид кога ќе ги прашате вашите тинејџери како се, што ќе им покажат дека секогаш може да сметаат на вас.

1. Охрабрете ги да ги споделат чувствата

  • Најдете начин да си помуабетите со вашите тинејџери. Прашајте ги како им поминал денот и што правеле. Може да ги поканите да ви се придружат во некоја задача како што е подготвување вечера и да го искористите времето за да си поразговарате како го поминале денот;
  • Потсетете ги дека сте тука за нив, без оглед на сѐ, и дека сакате да слушнете како се чувствуваат и што мислат. Неколку едноставни зборови на охрабрување може да им помогнат да се опуштат доволно за да ги споделат своите чувства со вас;
  • Важно е да ги уважите и да ги разберете емоциите што може да им се јават на вашите тинејџери, дури и ако се чувствувате непријатно поради тоа. Кога ќе ви се отворат, може да одговорите со „разбирам“, „звучи како тешка ситуација“ или „тоа има смисла“;
  • Лесно е да се забележат постапките на вашите тинејџери кои не ви се допаѓаат. Но, исто така, обидете се да забележите и да пофалите нешто што прават добро – дури и ако тоа е нешто едноставно како зачистување зад себе.

2. Одвојте време да ги поддржите

  • Работете заедно на воспоставување нови рутини и остварливи дневни цели. Може да вклучите домашни обврски околу училишната работа или да поставите цел домашната работа да се заврши пред вечера;
  • Адолесценцијата значи независност! Обидете се да им оставите соодветно време и простор на вашите тинејџери да бидат сами. Потребата за простор е нормален дел од растењето;
  • Пронајдете неколку начини на кои може да ги поддржите и охрабрите вашите тинејџери да се одморат (од училишни и домашни работи или од сите други активности на кои можеби работат) за да прават нешта во кои уживаат. Ако вашите тинејџери се исфрустрирани поради нешто, заедно со нивсмислете можни решенија на проблемот. Обидете се да не преземате контрола и да не им кажувате што да прават.

3. Заедно справувајте се со конфликтите

  • Слушајте ги ставовите на своите тинејџери и обидете се смирено да го решите конфликтот. Запомнете: секој може да се изнервира!
  • Никогаш не разговарајте за некое прашање додека сте лути. Тргнете се од кавгата, вдишете длабоко и смирете се – за тоа може да разговарате и подоцна.
  • Избегнувајте борби за превласт. Со оглед на тоа колку непредвидливо изгледа светот и колку ограничени се чинат опциите во моментов, вашите тинејџери можеби се мачат да ја задржат контролата. Колку и да ви се чини тешко во моментот, сочувствувајте со нивната желба да воспостават контрола во ова страшно време, наместо да се обидете да им возвратите или да ги надвладеете;
  • Бидете искрени и транспарентни со своите тинејџери: може да им дадете до знаење дека и вие минувате низ зголемен стрес. Ако им покажете како се справувате со своите тешки чувства, ова ќе им помогне да сфатат дека е во ред и тие да се чувствуваат така;
  • Кога ќе настане некаков конфликт, одвојте малку време за да размислите како вие и вашите тинејџери би можеле да го решите. Може да ги споделите овие размислувања со нив за да им дадете увид во вашиот мисловен процес.

4. Грижете се за себе

Да се биде родител/старател не е лесно. И вам ви е потребна грижа и поддршка. Грижата за себе е друг добар начин да им дадете пример за ваквата практика на вашите тинејџери.

  • Не двоумете се да побарате помош од некого ако се чувствувате пренапрегнато. Да се чувствувате вака е дозволено и сосема нормално. Одберете некој член на семејството или некој друг со кого би можеле да поразговарате;
  • Наоѓајте време за своите односи. Обидете се да си најдете неколку луѓе со кои ќе може да ги споделувате чувствата и искуствата. Секој ден поминувајте извесно време со нив за да си поразговарате како се чувствувате;
  • Најдете време во денот за да правите работи што ви помагаат да се справите со стресот и да го држите под контрола. Без разлика дали денот ви е напорен или бавен, познато е дека одвојувањето време за себе е од суштинско значење за вашата благосостојба. Ако правите работи што ви се допаѓаат или едноставно одвојувате неколку минути од денот за себе, ова може да ви помогне да се опуштите и да ги наполните батериите;
  • Испробајте неколку различни позитивни стратегии за справување со стресот кои ви одговараат. Еве неколку идеи: вежбајте, разговајте со пријателите, направете список со обврски или планирајте однапред, одржувајте некаква рутина и структура, размислувајте за нештата поради кои сте благодарни или горди и правете работи во кои уживате како музика, уметност, танцување и водење дневник.