Имам многу желби. Сакам да добијам многу поклони за нова година. Но, не се сите мои желби за добивање поклони и пакетчиња. Некои од нив се поврзани со училиштето.
Прво, би сакал оваа година да имам подобри оценки. Знам дека треба повеќе да учам за тоа, ама сепак – си ги кажувам желбите. Сакам и да се променат некои работи во училиштето. Сакам да добиеме кантина во училиштето. Така сите ќе можеме заедно да го поминуваме големиот одмор и повеќе да се дружиме. Исто така, нема да доцниме на часовите што се после големиот одмор, а често ни се случува тоа бидејќи продавниците каде што купуваме ужинка не се толку близу. Ни кажаа дека ќе има кантина, ама мене желбата ми е да се направи што побргу!
Сакам и нова училишна сала, со повеќе опрема за играње и вежбање. Мислам дека би било убаво ако се направи нешто и надвор, на отворено, за кога е топло да може да играме надвор во училишниот двор.
Во училишниот двор сакам да има и клупи и масички за да можеме да седиме на одморите и таму и да се дружиме. Сега немаме каде да седиме во училишниот двор. Плус има и многу улични кучиња во дворот, некои од нив се големи и јас се плашам од нив. Сакам да се реши и тој проблем во новата година.
Тоа се моите желби поврзани со училиштето за новата 2022 година. Се надевам дека ќе ми се исполнат иако ги кажав!
Автор : Ѓунер Исмаил