Амбасадата на Швајцарија ќе го помага Центарот за претшколска возраст

20 Авг Амбасадата на Швајцарија ќе го помага Центарот за претшколска возраст

Како што знаете, од април минатата година во рамките на Центарот за социјални иницијативи Надеж се отвори Центар за претшколска возраст кој го помага развојот на четириесет ромски дечиња, особено нивната подготовка за во прво одделение, како би го подобриле нивното разбирање на македонскиот јазик и би научиле основни работи за геометриски фигури, букви, бројки, бои итн. Она што се случи во текот на изминатите седумнаесет месеци ги надмина сите наши очекувања во однос на тоа што можевме да направиме за овие дечиња кои се на многу мала и ранлива возраст, како и за нивните родители.

Сепак, нашите очекувања од самите деца не беа мали. Ние бевме свесни дека ако на правилен начин пристапиме кон нивната претшколска едукација, тие можат многу да напреднат, а всушност тоа и се случи. Нашите едукатори и едукатори-помагатели успеаја за кратко време да „вбризгаат“ многу знаење во главите на најмалите. Ако се сеќавате, на почетокот од проектот влеговме во празна училница, уредно наместена, чиста и подготвена за работа. Пред еден месец, со завршувањето на првата етапа од проектот, излеговме од училница полна со играчки, детски ракотворби, производи од креативни работилници кои ги организиравме секој месец со родителите и децата во проектот, многу постери, цртежи, изработки од по вторпат употребени производи од хартија и пластика и многу многу други украси и едукативни материјали.

gradinka

Од почетокот на проектот, фондацијата Чекор по чекор безрезервно го поддржуваше центарот за претшколска возраст, како кај нас, така и во неколку други партнерски организации во Шуто Оризари, како дел од проектот „Подобро родителство за поголем успех на ромските деца“. Освен што го помагаат центарот, тие се грижат и за правилниот развој на дечињата, за нивната редовност, за нивниот успех, па и за нивната забава – на неколку наврати во центарот доаѓаше читачки караван во кој дечињата од различните проекти слушаа приказни раскажани од актери, сликаа заедно со уметник и другаруваа.

Со почетокот на новата учебна година, во пресрет ни излезе амбасадата на Швајцарија во Република Македонија, која изрази желба да го поддржи работењето на центарот во наредните четири месеци, до крајот на календарската година.

Помошта стигна во совршено време, а ние сме пресреќни и неизмерно благодарни. Дел од дечињата кои веќе од септември ќе започнат со прво одделение, ќе преминат во нашиот Едукативен центар, додека помалите дечиња ќе останат во Центарот за претшколска возраст, а ќе се формира нова група од деца на претшколска возраст кои ќе го пополнат местото на дечињата кои туку што преминале во прво одделение.

Благодарни сме на швајцарската амбасада во Макеоднија за овој прекрасен гест, а неизмерно сме благодарни и на фондацијата Чекор по чекор, која не поддржа во секој чекор од развојот на центарот. Нашата соработка со фондацијата ќе продолжи преку работа на заеднички проекти и ќе ја усовршиме истата, во име на напредокот и успехот на дечињата Роми од маргинализирани семејства, многудетни, самохрани, хранителски семејства, семејства кои живеат од социјални бенефиции и млади родители кои се мотивирани и имаат желба да направат одлични ученици од нивните најмали.

Со нови активности и со нова енергија се враќаме од понеделник.

Нема Коментари

За жал, формуларот за коментари не е достапен моментално