Постарите ни раскажуваат за Едерлези (Ѓурѓовден)

07 Мај Постарите ни раскажуваат за Едерлези (Ѓурѓовден)

Имаме слушнато многу приказни за значењето на Едерлези (или христијанската верзија на Балканот, Ѓурѓовден – кој пак го слави св. Ѓорѓија), па исто беше и оваа година. Со големо внимание уживаме во искуствата кои ни ги раскажуваат дедовците и бабите, па така и оваа година ни помогнаа еден дедо и две баби на неколку деца вклучени во нашите проекти.

Г. Имер, г-ѓа Саид и г-ѓа Усеин ни кажаа за нивните најрани сеќавања поврзани со Едерлези и како со време традицијата се променила. Ако пред неколку децении г-ѓа Усеин (нашата баба Азбија) за да се види со момчето кое и се допаѓало, требало да се искраде од дома и да оди на селската чешма (популарно собиралиште за млади во нејзино време), денес многу почесто ги гледаме младите како се држат за рака и се милуваат во јавност.

Во однос на прославата на празникот Ѓурѓовден, вели г-дин Имер (дедо Ќамил), отсекогаш се наоѓале пари за нова облека со која подоцна младите (особено децата) гордо шетале низ Шуто Оризари. Оваа традиција се задржала со времето, и е во функција и на најмладите, а и на познатиот пазар за облека и обувки во Шуто Оризари.

За голем дел од ромската популација, Едерлези го претставува доаѓањето на пролетта. Тие кои го слават овој познат празник (кој некогаш трае и до четири дена), темелно ги чистат домовите, купуваат нова облека за децата и ги бањаат под зелено дрво, со цвекиња и растенија кои го симболизираат влијанието на мајката природа врз духовното прочистување. По ова традиционално капење, децата им бакнуваат рака на постарите роднини а за возврат добиваат благослови и по некој денар.

Оние семејства кои можат да си дозволат, купуваат и печат јагне, а истото го споделуваат со нивните соседи и пријатели кои не биле во можност самите да си купат.

Во секој случај, Едерлези (или Ѓурѓовден) е значаен празник за заедницата. Иако многу од ромските семејства во Шуто Оризари се невработени, земаат релативно мала социјална помош и се многудетни, тие наоѓаат среќа во празничните денови. Тоа треба да нѐ потсети дека среќата можеме да ја најдеме во малите работи, дека животот треба да го славиме и дека можеме да бидеме посреќни ако вложиме повеќе позитивна енергија во него, – порачува г-ѓа Саид (баба Деара).

Нема Коментари

За жал, формуларот за коментари не е достапен моментално