Книга како благодарност од амбасадорот Бејли за ученикот Мухамед

29 Апр Книга како благодарност од амбасадорот Бејли за ученикот Мухамед

Порано овој месец го прославивме 8-ми Април, Меѓународниот ден на Ромите. Во соработка со фондацијата Чекор по чекор, неколку локални организации го посетија нашиот Едукативен центар за да го прослават празникот и да ги запознаат нивните ученици со нивните врсници од другите проекти финансирани од оваа фондација. Во едукативниот центар ни се придружи и американскиот амбасадор Џес Бејли, кој на дечињата им прочита приказна на англиски јазик, за потоа тие да му ја прочитаат истата на македонски. Подоцна, амбасадорот се состана со претставници на граѓанскиот сектор во Шуто Оризари кои работат со ромската заедница во Скопје, на која се зборуваше за предизвиците со кои тие се соочуваат.

За време на дискусијата, дечињата и едукаторите одржаа креативна работилница на која цртаа и боеја ромски знамиња во чест на празникот. Пред г. Бејли да си замине, еден од нашите ученици, Мухамед му го подари неговото тукушто нацртано знаме и му се заблагодари што нѐ посети и што посака да се запознае со нас.

Денес, Мухамед како подарок доби книга за американската кошаркарска сцена, со историски осврт на најпопуларните кошаркари, нивните тимови и нивните успеси. Во книгата имаше и рачно напишана порака од амбасадорот, во која тој му се заблагодарува на Мухамед за знамето и вели дека се надева дека го направил вистинскиот избор на книга за него.

Мухамед беше изненаден кога му рековме дека амбасадорот на САД му испратил подарок, и рече дека е презадоволен со изборот. Тој додаде дека сега се чувствува уште помотивирано да го подобри неговото знаење во полето на англискиот јазик, за да може да ја прочита и разбере неговата нова книга.

Тимот на Ц.С.И. Надеж испраќа топли поздрави до г. Бејли за овој љубезен гест и отворена покана за Амбасадата на С.А.Д. во Скопје да нѐ посетат кога ќе посакаат да дознаат повеќе за нашата работа со ромската заедница во Шуто Оризари.

DSCN3710

Нема Коментари

За жал, формуларот за коментари не е достапен моментално